Спонтано правам само кратка забелешка за да не заборавам на филмовите и на длабокиот впечаток што го создадоа. Филмовите се навистина ремек-дела, особено вториот, што ќе го спомнам. Сосема различни, а од друга страна и малку слични – по егзистенцијалната, носталгична атмосфера. Вонредна е музиката, што веднаш ја забележав и што ми се врежа многу длабоко. Искрено, многу одамна не ми изрониле солзи, а тука и малку ми протекоа…

Пишувам за Големата соба од 1977 и Томе од бензинската пумпа од 1979. Филмовите се од Јане Петковски, а музиката за нив е од Славе Димитров – познат, меѓу другото, по песната Чија си од 1971:

Сценаристи биле истакнати писатели: романописецот, поет и драматург Велко Неделковски за Големата соба и, веќе спомнатиот на блогот драматург Горан Стефановски за Томе од бензинската пумпа.

Големата соба

Главниот лик на Големата соба е „чичко“ Трпко – стар, љубезен човек што продава среќки и изнајмува соба, ама никогаш не зема пари за сместувањето. Луѓе доаѓаат и заминуваат. Еден на друг му препорачуваат престој кај него. Неговата куќа секогаш е „без резиња“ – како што вели самиот – значи: ширум отворена за секого. Чичкото ги памети сите што живееле кај него и со чест ги чува нивните слики, како спомени. Но никој никогаш не се враќа повторно за да го посети.

Филмот е за вистинска самотија на човекот, и јас ја почувствував многу длабоко. Ама чичкото останува ведар во својата состојба – дури и ги оправдува своите поранешни гости. Ме трогнаа неговите зборови:

Кој ќе вдише градски воздух, повеќе не се враќа назад.

Големата соба може да се погледне на YouTube каналот на Goran Markovski на линкот:

Томе од бензинската пумпа

А овој филм е навистина вонреден и се гледа како уште подоусовршено дело. И кадрите, движењата на камерата, деталите и ситните нијанси – сѐ изгледа понапредено. Истото чувство го имам и со музиката – како совршено кореспондира со сцените и нивните промени.

Во дијалозите се слуша вистински Стефановски:

Дали пишуваш песни?
Не.
Што работиш?
Продавам бензин. На бензинска пумпа.
Фала Богу, еден да не пишува песни. Сите пишуваат песни, сликаат. Мислев дека веќе нема кој да продава бензин.

Филмот е егзистенцијален и предизвикува чувство на неизбежна, внатрешна самотија на човекот во судир со болката на љубовта. Раскажува за обичен дечко, Томе, што работи на бензинската пумпа и се заљубува во професорката по клавир, иако има друга девојка. Тој е заглавен помеѓу својот дотогашен едноставен живот и стремежот кон нешто повозвишено. Се труди за да влезе во нејзиниот свет, дури и почнува да слуша класична музика.

Тажно ми беше гледајќи го филмот. Малку се поутешив на крај, кога за еден миг тонот на музиката се смени од мол во дур.

Во филмот е многу интересен амбиентот и погледите на Скопје од 70-тите години, како и атмосферата на тогашната Југославија.
На веб-страницата arno.mk е направена вонредна, обемна анализа на филмот и неговите елементи, што ги покажуваат карактеристиките на градот и на тоа време. Достапна е на линкот:

А филмот може да се гледа на:

Scroll to Top