
Почетоци
Дрога по случајност
Мојот прв запис го пишувам на македонски, оти патот води во Македонија. Записот нема да биде усовршен, но се надевам дека и мојот македонски ќе се измазни по патот.
Мислејќи на македонски, може да биде малку смешно дека полската верзија на блогот е под наслов „Droga do Macedonii” (читај: „дрога до мацедонии“), што значи речиси исто што и македонската титула, и можеш да го преведеш насловот како пат до, во или кон Македонија – зависи од контекстот. Ама, овој случаен „false friend“ има и подлабока смисла во однос на мојата положба. За мене, во текот на последните две години, Македонија стана навистина како дрога, и морам да се враќам да ја добијам следната доза.
И кога сум далеку, често ми ѕвони во глава старата мелодија од Меморија: „Кога си сам и тажно е сѐ, на неа ти сети се…“.

Сѐ започна во септември 2023 година, кога со мотор тргнав по пат од Полска кон југ, низ Словачка и Унгарија. Првата точка што ја обележав на картата беше Трансалпина во Романија. Разбирливо – каде подобро да возиш отколку по овој одличен, посебен „друм“? Бев вчудовиден гледајќи ги сликите што се нижеа толку брзо – свежината на природата, просторот, времето што се менуваше одеднаш: од дожд и густа магла до жештина и полно сонце. Завршив. Наредната цел беше дури во Албанија. Тоа значи дека сакав само да ги поминам Бугарија и Македонија како транзит, уживајќи во задоволството на чисто возење, без да очекувам дека ќе сретнам нешто посебно по пат. И како што излезе подоцна – тоа беше само погрешно мислење.
Ако добро се сеќавам, стигнав до македонската граница по полноќ, претходно среќавајки по пат срдечни, но од другата страна и малку страшни бугарски полицајци. Ноќ, темнина и пат среде пуста шума – лесно можеш малку да се исплашиш во вакви околности. Особено кога не е јасно дали тие се целосно трезни, а може само уморни од службата. На крај ми рекоа дека ако некогаш останам гладен, тука на Балканот, во секое село, луѓе секогаш ќе ме нахранат. Се загрижија дали резервуарот ми е доволно полн, па засалутираа со некаков извик како војнички (барем така ми звучеше)… Малку чудно. Тогаш мислев дека далеку од дома и излегувајќи надвор од УЕ, влегувам во еден потуѓ свет.

Делчево, мислам, околу еден часот по полноќ – и првите лица што ги сретнав на бензинската пумпа на влезот од градот: Борче и Александар. Воопшто не знаев македонски, ниту еден збор, ама сепак веднаш сум почуствувал неверојатна топлина од луѓето. Поради недостиг на сместување во такво време, бев поканет да го поминам времето на пумпата. Со Борче и неколку познаници правевме муабет речиси до зора.
Најсилниот впечаток, врежан длабоко во моето сеќавање, се првите зраци, кога возејќи со мотор низ градот и по околината – горе, долу, на сите страни – навистина сум почувствувал поврзаност со местото. Изненадувачко, неповторливо чувство што ни порано ни подоцна не сум го доживеал. Навистина не знам што ме маѓепса тоа сабајле. Во Делчево бев примен преубаво и останав два дена, иако претходно испланирав да останам само еден.
Потоа продолжив по мојот пат. За еден ден стигнав на другиот крај на Македонија – погледнав малку Охрид и Струга, Манастир Свети Наум, но најубаво беше качувањето со мотор нагоре, накај Галичица.

И толку – првиот пат во Македонија. Никогаш нема да заборавам Македонецот од Струга којшто, истрчувајќи од бензинската пумпа, ми викаше: „Брате, не оди таму во Албанија! Таму се лоши луѓе! Опасно е!“
Но, сепак отидов да возам по преубавите патишта во северна Албанија, а после и во Црна Гора – Дурмитор – па на крај брзо кон дома низ Хрватска, Словенија, Австрија, Чешка, и назад во Полска. Секаде беше волшебно, но колку повеќе сум се оддалечувал од Македонија, толку повеќе ме следеше чувството дека ми недостасува и дека сакам да се вратам токму таму.

Кога се вратив дома, уште истиот месец го нарачав од Австралија дебелиот учебник по македонски јазик за основно и средно ниво, од кој учев – од почеток до крај – цели два пати. Наредните шест месеци ми поминаа одејќи насекаде со слушалки, слушајќи македонски вести, емисии, аудиокниги, гледајќи серии, цртани филмови и читајќи неколку книги. Тој допир со јазикот, познавање на актуелните настани во Македонија, а можеби најмногу македонските приказни и утринските емисии на Тик-Так и Зорка, најверојатно ми помогнаа да ги издржам тажните, сиви и кратки зимски денови. Чувствував како да живеам со глава повеќе надвор од мојата обична полска реалност. На пролет, за Велигден, без никакво колебање, повторно го фатив моторот и заминав во Делчево. И пак ги доживеав тие преубави пет дена – со приатели, со неверојатни моменти. Запознав и нови луѓе, а покрај тоа и нови места и патишта во источниот дел на Македонија: околу Делчево, Штип, Берово и Струмица.

А во Полска ме фати „тага за југ“. Се откажав од учењето на македонски само кратко време, па морав повторно да почнам – толку многу ме привлече богатството и топлината на јазикот. Колку подолго учев, толку подлабоко ме влечеше чувството дека го допирам словенскиот корен од кој потекнува и мојот мајчин јазик, и возбуда од неговото откривање. Искрено, во полскиот слушам помалку од тие стари изворни белези – се разбира, во етимолошка смисла. Така барем ми се чини, според моето нестручно чувство.
Летово дојдов третпат – овој пат за цели три недели. Не можам ни да ги избројам сите места што ги посетив. Да речам само, поминав низ сите правци, главни патишта и градови – од крај до крај на Македонија.
Изгледа како зависност, па можеби на крај ќе ја предозирам дрогата. А сега се враќам одново, во најтешкиот дел од годината – право во скопската магла и чадот, за кои толку многу пати сум слушал досега. Сакам да истражам и да проверам дали сето ова не е само заблуда. Може е к`смет.
